
POEMS
by Никола Маџиров
ПО НАС
Еден ден некој ќе ги здипли нашите ќебиња
и ќе ги прати на хемиско чистење
од нив да го истрие последното зрнце сол,
ќе ги отвори нашите писма и ќе ги реди по датуми
наместо по исчитаност.
Еден ден некој ќе го размести мебелот во собата
како шаховски фигури на почеток од нова игра,
ќе ја отвори старата кутија за чевли
во која ги чуваме паднатите копчиња од пижамите,
недотрошените батерии и гладта.
Еден ден ќе ни се врати болката во 'рбетот
од тежината на хотелските клучеви и
сомнежот со кој рецепционерот ни го подава
далечинскиот управувач.
Туѓите сожалувања ќе тргнат по нас
како месечина по заталкано дете.
ДОМ
Живеев на крајот од градот
како улично светло на кое никој
не му ја менува светилката.
Пајажината ги држеше ѕидовите заедно,
потта нашите споени дланки.
Во преобразбите на невешто соѕиданите камења
го криев плишаното мече
спасувајќи го од сонот.
Деноноќно го оживував прагот
враќајќи се како пчела што
секогаш се враќа на претходниот цвет.
Беше мир кога го напуштив домот:
гризнатото јаболко не беше потемнето,
на писмото стоеше марка со стара напуштена куќа.
Кон тивките простори од раѓање се движам
и под мене празнини се лепат
како снег што не знае дали на земјата
или на воздухот припаѓа.
КОГА НЕКОЈ ЗАМИНУВА
СÈ ШТО Е СОЗДАДЕНО СЕ ВРАЌА
На Марјан К.
Во прегратката зад аголот ќе препознаеш
дека некој некаде оди. Секогаш е така.
Живеам меѓу две вистини
како неонка што се колеба во
празен ходник. Моето срце собира
сè повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.
Така е секогаш. Четвртина од будноста
ја трошиме во трепкање. Нештата
ги забораваме уште пред да ги изгубиме –
тетратката по краснопис, на пример.
Ништо не е ново. Седиштето во
автобусот е секогаш топло.
Последните зборови се пренесуваат
како накосени кофи во вообичаен летен пожар.
Утре пак ќе се повтори истото –
лицето пред да исчезне од фотографијата
првин ќе ги изгуби брчките. Кога некој заминува
сè што е создадено се враќа.
НЕ ЗНАМ
Далечни се сите куќи што ги сонувам,
далечни се гласовите на мајка ми што на
вечера ме повикува, а јас трчам кон полињата со жито.
Далечни сме ние како топка што го промашува голот
и оди кон небото, живи сме
како термометар кој е точен само тогаш кога
ќе погледнеме кон него.
Далечната стварност секој ден ме испрашува
како непознат патник што ме буди на половина пат
со прашање „Тој ли е автобусот?“,
а јас му велам „Да“, но мислам „Не знам“,
не знам каде се градовите на твоите дедовци
што сакаат да ги напуштат сите откриени болести
и лековите што содржат трпеливост.
Сонувам за куќа на ридот од нашите копнежи,
да гледам како брановите на морето го исцртуваат
кардиограмот на нашите падови и љубови,
како луѓето веруваат за да не потонат
и чекорат за да не бидат заборавени.
Далечни се сите колиби во кои се криевме од дождот
и од болката на срните што умираа пред очите на ловците
кои беа повеќе осамени, отколку гладни.
Далечниот миг секој ден ми поставува прашање
„Тој ли е прозорецот? Тој ли е животот?“, а јас му велам
„Да“, а всушност „Не знам“, не знам кога
птиците ќе прозборат, а да не кажат „Војна“.
ОДВОЕН
Се одвоив од секоја вистина за почетоците
на стеблата, реките и градовите.
Имам име што ќе биде улица на разделби
и срце што се појавува на рендгенски снимки.
Се одвоив и од тебе, мајко на сите неба
и куќи на безгрижноста.
Сега крвта ми е бегалец што припаѓа
на неколку души и отворени рани.
Мојот бог живее во фосфор од чкорче,
во пепелта што го чува обликот на пресеченото дрво.
Не ми треба мапата на светот кога заспивам.
Сега сенка од класје жито ја покрива мојата надеж,
и мојот збор е вреден
како стар семеен часовник што не го мери времето.
Се одвоив од себе, за да стасам до твојата кожа
што мириса на мед и ветер, до твоето име
што значи немир што ме успокојува,
што ги отвора портите на градовите во кои спијам,
а не живеам.
Се одвоив од воздухот, од водата, од огнот.
Земјата од која сум создаден
е вградена во мојот дом.
I DON'T KNOW
SEPARATED
by Nikola Madzirov
ОБИЧНОТО ЛЕТНО ЗАНОЌУВАЊЕ
1.
Така изгледа летното заноќување:
прељубницата излегува на балконот
во свилена ношница трепетот на ѕвездите
што го пропушта, гранче паѓа од клунот на
птицата што заспива пред да го изгради домот,
еден војник го спушта државното знаме
со писмо од мајка му во џебот и
атомските проби во утробата на земјата
тајно ги оживуваат мртвите. Некој во мигот
тивко ги толкува византиските неуми,
друг ги преправа егзодусите на балканските
и граѓански војни во името на универзалните
вистини. Во фабричките дворови
спијат статуите на учесниците во
поништените револуции, врз складните
гробови пластичните цвеќиња ја губат
бојата, а обичните формата,
и ова спокојство на мртвите
од кои сме се простиле,
не е наше.
2.
Во селото со три осветлени прозорци
една бајачка ги предвидува само
оздравувањата, не и заболувањата.
Брановите исфрлаат шишиња
цело море што можат да го впијат во себе,
стрелката од знакот за задолжителен правец
покажува кон Бог,
рибарот откинува парче од небото
фрлајќи ја јадицата кон реката,
сиромашно дете ја бара Малата Мечка
и планетата од која би сакал да потекнува,
пред прагот на убиецот со алиби
еден пердув се обидува да летне.
Така изгледа обичното летно заноќување.
Градот согорува во црвенилото на месечината
и противпожарните скали чиниш водат кон
рајот, дури и тогаш кога сите
се
симнуваат
по
нив.
I DON'T KNOW
SEPARATED
by Nikola Madzirov
ИЗРЕЧЕНОТО НÈ ПРОГОНУВА
Им дадовме имиња
на дивите растенија
зад недовршените згради,
ги именувавме сите споменици
на нашите поробувачи.
Децата ги крстивме
со љубовните прекари
извлечени од писмата
еднаш прочитани.
Отпосле тајно ги толкувавме потписите
на дното од рецептите
за неизлечиви болести,
со двоглед ги зближувавме дланките
на простување потпрени
врз прозорците.
Зборовите ги остававме
под камењата со закопани сенки,
на ридот кој го чува ехото
на предците што не се впишани
во семејното стебло.
Она што го кажавме без сведоци
уште долго ќе нè прогонува.
Зимите се намножија во нас
без да бидат спомнати.
I DON'T KNOW
SEPARATED
by Nikola Madzirov
СЕНКИТЕ НÈ ОДМИНУВААТ
Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.
Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават
својот прав врз нашите образи.
Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.
Еден ден сите сенки
ќе нè одминат.
ОНОЈ ШТО ПИШУВА
Ти пишуваш. За нештата кои веќе постојат.
А велат дека измислуваш.
Молчиш. Како потопена мрежа
на рибокрадци. Како ангел
кој знае што ќе се случи со ноќта.
И патуваш. Забораваш,
за да се вратиш.
Ти пишуваш и не сакаш да се сеќаваш
на каменот, на морето, на верниците
што спијат со раздвоени дланки.
OKOTO
на Васко Попа
Отвори го едното око –
хоризонтот е во затвореното.
Отвори ја школката –
осаменоста нема да избега.
Камењата на дното го пијат времето,
мртвите риби пливаат кон сонцето.
Отвори го едното око.
Светот е младо дрво на градилиште,
прозорците се реки на нашата несигурност.
Отвори го небото.
Во дланките чувам дом –
соба за молитви во болнички двор.
ВИДОВ СОНОВИ
Видов сонови на кои никој не се сеќава
и плачења на погрешни гробови.
Видов прегратки во авион што паѓа
и улици со отворени артерии.
Видов вулкани што спијат подолго
од коренот на семејното стебло
и едно дете кое не се плаши од дождот.
Само мене никој не ме виде,
само мене никој не ме виде.
БРЗ Е ВЕКОТ
Брз е векот. Да бев ветер,
ќе ги лупев корите на дрвјата
и фасадите на периферните згради.
Да бев злато, ќе ме криеја во подруми,
во ровлива земја и меѓу скршени играчки,
ќе ме заборавеа татковците, а нивните синови
трајно ќе ме паметеа.
Да бев куче, немаше да ми биде страв
од бегалци, да бев месечина немаше
да се плашам од смртни казни.
Да бев ѕиден часовник
ќе ги криев пукнатините на ѕидот.
Брз е векот. Ги преживуваме слабите земјотреси
гледајќи кон небото, а не кон земјата.
Ги отвораме прозорците за да влезе воздух
од местата каде што никогаш не сме биле.
Војни не постојат, зашто секој ден некој
го ранува нашето срце. Брз е векот.
Побрз од зборот.
Да бев мртов, сите ќе ми веруваа
кога молчам.


